Врз основа на членот 18 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на РМ“ бр. 52/2010), Собранието на Здружението на ИСТОРИЧАРИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје, на ден 19.4.2011 година го донесе следниов:

С Т А Т У Т
на Здружение на ИСТОРИЧАРИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје
(пречистен текст)

ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1

Со овој Статут се уредува / уредуваат:
– името и седиштето на Здружението;
– целите и задачите на Здружението и дејностите со кои се остваруваат;
– начинот на зачленување и на престанок на членувањето во Здружението, како и правата, обврските и одговорностите на членовите на Здружението;
– органите и телата на Здружението, начинот на избор и на разрешување, траењето на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување;
– издавачката дејност;
– начинот на информирање за работата на Здружението;
– начинот на финансирање и буџетот на Здружението;
– начинот на престанокот на работа на Здружението, како и постапувањето со сред­ства­та и со имотот во случај на престанок на работата на Здружението;
– преодните и завршните одредби;
– други прашања утврдени со закон.

ИМЕ И СЕДИШТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 2

Името на Здружението гласи: Здружение на ИСТОРИЧАРИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје (во понатамошниот текст Здружението или ЗИРМ Скопје).
Седиштето на Здружението е во Скопје, на ул. Григор Прличев бр. 3.
Името на Здружението на англиски јазик ќе гласи ASSOSIATION OF THE HISTORIANS OF THE REPUBLIC OF MACEDONIA
Здружението ја користи кратенката ЗИРМ, како и AHRM на англиски јазик.

Член 3

Здружението на ИСТОРИЧАРИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје е доброволно невладино здружение на граѓани кое дејствува на подрачјето на Република Македонија во согласност со позитивните законски прописи. ЗИРМ е правно лице со права, обврски и со одговорности утврдени со овој Статут.

Член 4

Здружението има свој печат и штембил.
Печатот на Здружението е во кружна форма со пречник од четири сантиметри, со впишан текст на македонски јазик кој гласи: Здружение на ИСТОРИЧАРИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје.

Член 5

Во работата на Здружението се употребува името впишано во Централниот регистар.

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО И ДЕЈНОСТИ СО КОИ СЕ ОСТВАРУВААТ
Член 6

Основни цели на Здружението се:
– афирмација на историјата и на сродните науки и дисциплини;
– истражување на македонското историско и културно наследство;
– следење, проучување и решавање на проблемите од историската пробле­ма­тика кои се јавуваат во научната сфера и во наставата и сл.;
– помагање во стручното усовршување на своите членови и во унапредувањето на наставата по историја;
– соработка и остварување контакти со научни и со стручни здруженија од земјата и од странство.

Член 7

Своите цели и задачи Здружението ги остварува преку:
– одржување редовни годишни собранија, состаноци на своите органи, советувања и сл.;
– организирање обуки, работилници, семинари, трибини и предавања;
– учество на конгреси, конференции, симпозиуми, тркалезни маси во земјата и во странство;
– подготовка и реализација на проекти;
– спроведување истражувања во земјата и во странство;
– организирање гостувања во странство, како и предавања од еминентни научници од земјата и од странство;
– издавање печатени материјали, списанија, книги и преводи;
– промоција на активностите на Здружението во медиумите;
– водење и уредување на Интернет-страницата на Здружението и
– други активности.

Член 8

Дејности според НКД со кои ќе се остваруваат целите на Здружението:

58.14 Издавање на списанија и периодични публикации
58.19 Други издавачки дејности
72.20 Истражувања и експериментален развој во општествените и хуманитарните науки
74.90 Останати стручни, научни и технички дејности, неспомнати на друго место
85.52 Образование во културата
90.03 Уметничко творештво

НАЧИН НА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ И НА ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕТО ВО ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 9

Членови на Здружението можат да станат сите полнолетни граѓани, државјани на Република Македонија, кои ги прифаќаат принципите и целите утврдени со овој Статут.
Членови можат да бидат и странски државјани кои ги прифаќаат принципите и целите утврдени со овој Статут.

РЕГИСТАР НА ЧЛЕНОВИ
Член 10

Здружението води регистар на членови и евиденција на членовите на органите.
Пoдатоците од ставот (1) на овој член се ажурираат најмалку еднаш на 1 (една) година.
Здружението ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите кои го побарале тоа.
Податоците од ставот (1) на овој член се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и доверливи информации.

Член 11

Членовите на Здружението се должни да работат на остварувањето на целите на Здружението, да плаќаат редовно годишна членарина и да го почитуваат овој Статут.
Висината на членарината и начинот на плаќање се утврдува со правилник.

Член 12

Членството во Здружението се остварува со запишување во регистарот на членови на ЗИРМ Скопје.

ФОРМИ НА ЧЛЕНСТВО – СТАТУС
Член 13

Членовите на ЗИРМ Скопје можат да бидат:
– редовни и
– почесни.

Член 14

Редовни членови се оние членови што активно учествуваат во работата на Здружението, активно придонесуваат за развојот и афирмацијата на Здружението или учествуваат во органите и телата на Здружението.

Член 15

Почесни членови се истакнати личности од јавниот, културниот и од политичкиот живот во Република Македонија кои со своето дејствување придонеле за развојот на историската наука во Македонија и кои морално или материјално го помагаат развојот на Здружението, како и странски државјани кои се примени за членови на Здружението.

Член 16

Членството во Здружението престанува:
– со доброволно излегување;
– заради неплаќање на членарината по истекот на 12-те месеци на кои се однесува членарината;
– со исклучување заради неизвршување на обврските предвивени со членството во Здружението;
– во случај на постоење на правосилна кривична пресуда за дело што го прави недостоен за членство во Здружението.

Член 17

Одлука за престанување на членството во Здружението донесува Собранието со двотретинско мнозинство на гласови.

ЗАСТАПНИК НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 18

Здружението го застапува претседателот на Здружението. При негова спреченост, Здружението го застапува секретарот на Здружението.

ОРГАНИ И ТЕЛА НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 19

Органи на Здружението се:
– Собрание и
– Претседателство.

Тела на Здружението се:
– Извршен одбор и
– Надзорен одбор.

СОБРАНИЕ
Член 20

Собранието е највисок орган на Здружението, кој го сочинуваат редовните членови.

Член 21

Собранието може да биде свикано како:
– редовна седница на Собранието;
– редовна седница на Изборното собрание:
– вонредна седница на Собранието;
– вонредна седница на Изборното собрание.

Член 22

Редовна седница на Собранието на Здружението се свикува најмалку еднаш годишно.
Редовна седница на Изборното собрание на Здружението се свикува еднаш на секои три години.
Вонредните седници на Собранието на Здружението се свикуваат по потреба, по писмено барање на една третина од претставниците на редовните членови на Здружението.
Вонредните седници на Собранието се одржуваат најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.

НАЧИНИ НА ОДЛУЧУВАЊЕ И НА ГЛАСАЊЕ НА СОБРАНИЕТО
Член 23

Собранието полноправно одлучува ако се присутни најмалку половината од редовните членови.
Секој редовен член на Собранието има право на еден глас.
Собранието одлучува со двотретинско мнозинство гласови со јавно гласање.

Член 24

Со Собранието на Здружението раководи претседателот на Здружението.
Собранието на Здружението се свикува со јавна покана 7 дена пред денот на одржувањето.

Член 25

Надлежности на Собранието се:
– да донесува Статут, програма и други акти;
– да го усвојува годишниот извештај за работа и финансискиот извештај;
– да доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа;
– да одлучува за промена на целта на Здружението;
– да одлучува за внатрешната организација и за организациските форми на органите на Здружението;
– да избира и да разрешува членови на Претседателството;
– да одлучува за престанокот на работата на Здружението со просто мнозинство гласови од претставниците на редовните членови на Здружението;
– да врши други работи во согласност со Статутот и со другите акти на Здружението.

ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО
Член 26

Претседателството има 14 члена.
Мандатот на членовите на Претседателството трае три години.
Претседателството има претседател, секретар и благајник.

Член 27

Претседателството на Здружението ги врши следниве работи:
– ги спроведува статутарните и програмските задачи на Здружението, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
– го подготвува предлог-статутот;
– го подготува годишниот извештај за својата работа

ПРЕТСЕДАТЕЛ
Член 28

Претседателот на Здружението го избира Собранието на Здружението со мандат од три години и со можност за реизбор. Се избира со двотретинско мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Претседателот на Здружението одговара за својата работа пред Собранието на Здружението.

Член 29

Претседателот ги извршува следниве задачи:
– го претставува и го застапува Здружението;
– ги свикува и претседава со седниците на Претседателството;
– ги спроведува одлуктите на Собранието и Претседателството;
– доделува награди и признанија во име на Здружението;
– потписник е на сметката на Здружението;
– ја организира работата на Здружението;
– врши и други работи.

СЕКРЕТАР
Член 30

Секретарот на Здружението го избира Собранието на Здружението со мандат од три години и со можност за реизбор. Тој се избира со двотретинско мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Секретарот на Здружението одговара за својата работа пред Собранието на Здружението.

Член 31

Секретарот ги извршува следниве задачи:
– се грижи за архивата на Здружението;
– го води регистарот на членови;
– им помага во работата на претседателот и на благајникот на ЗИРМ.

БЛАГАЈНИК
Член 32

Благајникот на Здружението го избира Собранието на Здружението со мандат од три години и со можност за реизбор. Тој се избира со мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Благајникот на Здружението одговара за својата работа пред Собранието на Здружението.

Член 33

Благајникот ги извршува следниве задачи:
– да располага со средствата на Здружението во согласност со можностите и потребите на Здружението.
– да го води регистарот за членарината.

ИЗВРШЕН ОДБОР
Член 34

Извршниот одбор се состои од три члена: претседателот, секретарот и благајникот.

НАДЗОРЕН ОДБОР
Член 35

Надзорениот одбор го сочинуваат три члена.
Надзорениот одбор на Здружението го избира Собранието на Здружението од редовните членови, и тоа со мандат од три години и со можност за реизбор.
Надзорниот одбор врши надзор врз материјално-финансиското работење на Здружението.
Надзорниот одбор одговара за своето работење пред Собранието на Здружението.
Член на Извршниот одбор не може да биде и член на Надзорниот одбор.

ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ

Член 36

Здружението издава свое списание „Историја“, кое третира прашања од областа на историската наука и на методско-педагошката практика.

Член 37

Списанието излегува најмалку еднаш годишно.

Член 38

Списанието го уредува Редакциски одбор, кој го избира Претседателството на Здружението од редовните членови, и тоа со мандат од три години и со можност за реизбор.
Редакцискиот одбор го сочинуваат главен редактор, секретар и три члена.
Главен редактор треба да биде лице кое е доктор по историски науки. Редакцискиот одбор за својата работа поднесува извештај на Претседателството на Здружението.

Член 39

Работата на списанието се уредува со правилник.

ИНФОРМИРАЊЕ ЗА РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 40

Работата на Здружението е јавна. Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на Здружението за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештаи за работата на органите и на телата на Здружението и за материјално-финансиското работење.
Јавноста во работењето се обезбедува и се остварува со јавно информирање, како и со доставување материјали на средбите и на состаноците преку постојните органи и тела на Здружението, со комуникација преку електронска пошта и сл.

ФИНАНСИРАЊЕ И БУЏЕТ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 41

Здружението ги обезбедува средствата за работа преку:
– членарина;
– донации и спонзорства;
– доброволни прилози и подароци;
– средства остварени преку активности на Здружението;
– средства од Буџетот на Република Македонија и на единиците на локалната само­уп­рава и на градот Скопје.
Средствата се користат рационално и во согласност со позитивните законски прописи и одредбите од овој Статут.

Член 42

За своето работење, Здружението донесува годишен буџет и завршна сметка.
Претседателот на Здружението е должен да подготви годишен финансиски извештај, да го достави до надлежниот орган во согласност со законските прописи и да го презентира пред членовите на Годишното собрание.
Здружението е должен да го презентира годишниот финансиски извештај на соодветен начин пред јавноста.

ПРЕСТАНОК НА РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 43

Здружението престанува да постои:
– ако со двотретинско мнозинство се донесе одлука на Собранието на Здружението;
– кога бројот на членовите ќе се намали под бројот потребен за основање;
– кога ќе се создадат условите предвидени со членовите 54 и 56 од Законот за здру­женија на граѓани и фондации.

Член 44

По законскиот престанок на работата на Здружението, имотот и другите права и приходи што остануваат по подмирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на хуманитарни организации, а целокупната архива се пренесува на Државниот архив на Македонија.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 45

Овој Статут влегува во сила на денот на неговото донесување.